Музичкиот свет остана без уште едно препознатливо име. Џансевер Далипова, позната како Џансевер, почина на 8 август 2026 година, на 59-годишна возраст, во болница во Есен, по долгогодишна борба со тешка болест.
Само еден месец пред смртта, пејачката го прославила својот 59-ти роденден. На 8 јули таа споделила емотивно видео од прославата, не знаејќи дека тоа ќе биде едно од нејзините последни обраќања до публиката.
„Прославивме мал роденден. Самара ме изненади, ѝ благодарам, бев многу среќна, а дојдоа и моите најблиски. Беше прекрасно и бев многу среќна. Благодарност до Фатос и Наташа, како и до моите две мали јагниња. Ви благодарам и за подароците“, напишала Далипова во описот на видеото објавено на Инстаграм.
Во емотивната снимка се слушала и нејзината песна „Ondan Ver Bana“, која зборува за љубовта, лојалноста и нераскинливата врска со саканата личност.
Кон крајот на минатата година, Џансевер јавно проговорила за борбата со леукемијата. По трансплантацијата на коскена срцевина изгледало дека најтешкиот период е зад неа, но болеста повторно се вратила. Нејзината смрт ја потврдиле семејството и менаџерскиот тим, по што пристигнале бројни пораки со сочувство од колеги, пријатели и обожаватели од Македонија, регионот и Турција.
Џансевер е родена на 8 јули 1967 година во Велес, а музиката била присутна во нејзиниот живот уште од најраните години. Нејзиното детство и младост, сепак, биле исполнети со тешки животни искушенија.
На 12-годишна возраст го изгубила видот на едното око во несреќа, а подоцна се соочила и со сериозни здравствени проблеми. Во 1994 година ѝ била дијагностицирана тешка форма на ревматизам на грбот, поради што подолг период имала проблеми со движењето. По долгогодишна борба со болеста, во 2009 година била оперирана во Германија.
И покрај сите здравствени проблеми, нејзиниот глас останал нејзино најсилно оружје. Препознатливата интерпретација и силната емоција во нејзините изведби ја направиле една од позначајните пејачки на ромската и балканската музичка сцена.
Кариерата ја започнала во Македонија, каде што во 1992 година го издала својот прв албум. Голем пресврт во нејзината кариера следувал во 1997 година, кога настапила во популарната турска емисија „Ибо шоу“, која ја водел познатиот турски пејач Ибрахим Татлисес.
Со изведбата на песната „Кара Чадир“ таа го привлекла вниманието на турската публика и ја отворила вратата кон успешна кариера во Турција. Со текот на годините изградила статус на почитувана изведувачка на арабеска музика, а истовремено останала популарна и на Балканот.
Во текот на богатата кариера соработувала со бројни музички имиња и никогаш не го криела своето ромско потекло. Напротив, често истакнувала дека музиката има сила да ги поврзува луѓето, културите и различните средини.
Со нејзиното заминување, ромската и балканската музичка сцена загуби препознатлив и емотивен глас. Зад себе остави музичко наследство, но и животна приказна исполнета со големи искушенија, борба и непоколеблива љубов кон музиката.









