Актерката Анџелина Џоли отворено проговори за животот по разводот со Бред Пит, истакнувајќи дека повторно ја пронаоѓа својата рамнотежа и сила по тешкиот период кој, како што вели, сега е зад неа.
Во интервју за „Вараети“ (Variety), Џоли конечно отворено проговори за периодот по разделбата, нагласувајќи дека повторно ги враќа силата и балансот по сите овие години. Еден од најпопуларните холивудски парови се раздели во 2016 година, а разводот беше конечно финализиран во 2024 година по долготраен судски процес за старателството и имотот.
Во разговорот, кој го водеше по повод филмот „Котур“ (Wheel), Џоли призна дека тешкиот период е зад неа.
– Мислам дека борбениот дух конечно ми се врати. Накратко го имав изгубено. Моите деца се речиси сите полнолетни, па сега сакаат да патувам низ светот, сакаат да излегувам и да правам нови работи. Тие ме познаваат подобро од кој било друг и сè уште ме сакаат, што навистина многу зборува – изјави таа, додавајќи дека токму децата ѝ биле најголемата поддршка.
Се врати на глумата поради семејните околности
Оскаровката откри и дека во еден момент планирала целосно да се откаже од актерството и да му се посвети на режирањето и на хуманитарната работа. Меѓутоа, околностите ја навеле на поинаква одлука.
– Одеднаш, единствениот начин да бидам повеќе дома, да бидам отсутна на пократки периоди или да заработам доволно пари, беше да ѝ се вратам на глумата – објасни Анџелина Џоли, пренесува „Тпортал“.
Последните години во кариерата таа избираше проекти кои ѝ овозможуваа да поминува повеќе време со децата, а сега, кога тие се постари, повторно чувствува поголема слобода во изборот на улогите.
„Ги подготвувам децата за моето отсуство“
Поранешниот пар има шест деца – Медокс, Пакс, Захара, Шајло, како и близнаците Нокс и Вивиен. Речиси сите деца во јавноста престанаа да го користат презимето Пит, додека неколку од нив поднесоа и официјални барања за промена на презимето.
Како што откри во ова многу искрено интервју, Џоли на мајчинството му пристапува на специфичен начин.
– Децата ги воспитувам речиси како да ги подготвувам за моето отсуство, а не толку за тоа дека еден ден ќе бидам баба – рече таа, алудирајќи на свесноста за сопствените здравствени ризици.
Актерката во 2013 година, поради мутација на генот BRCA1, помина низ превентивна двојна мастектомија. Таа мутација ѝ носеше проценет ризик од 87 отсто за рак на дојка и 50 отсто за рак на јајчници. Во нејзиното семејство оваа болест остави тежок траг, бидејќи од рак починаа нејзината мајка, баба и тетка.









