Диктаторот во новиот „Супермен“ зборува на српски и има армија од мајмуни: Кисел осмев низ балканските кино-сали
Новиот „Супермен“ на Џејмс Ган на прв поглед изгледа како уште еден визуелно импресивен суперхеројски спектакл, но зад неговата забавна фасада се крие провокација што предизвика бурни реакции на Балканот. Причината? Главниот негативец – диктаторот Васил Гуркос – зборува на чист српски јазик и предводи армија од мајмуни-ботови кои шират омраза и дезинформации.
Ликот на Гуркос, диктатор на фиктивната земја Боравија, го игра хрватскиот актер Златко Буриќ. Кога тој драматично извикува на српски: „Нема да се смириме додека не потечат реки од џарханпурска крв!“, публиката во некои кино сали реагираше бурно – дури се слушна извик: „Вучиќууу!“ што ја разбуди целата сала. Некои се смееја, други беа збунети, но кај многумина остана кисел вкус.
Новинарот Милан Вукелиќ во својата рецензија вели дека „Супермен“ е визуелно извонреден, паметно напишан и различен од типичните ДЦ филмови, но дека употребата на балканскиот стереотип – источен диктатор што зборува српски – е мрзелива, застарена и навредлива. Тој нагласува дека, иако филмот можеби сакал да биде сатира, ефектот е спротивен – публиката повторно гледа вообличување на старата холивудска приказна: Балканците како агресори.
Посебно е иронично што токму филм кој се обидува да критикува пропаганда и лажни вести, користи карикатурален приказ на источноевропски диктатор за да ја раскаже својата приказна. Армијата на диктаторот се состои од мајмуни со тастатури – буквално симболизирајќи интернет ботови што шират дезинформации, а во контекст на сцената и изговорените реплики, не е тешко да се протолкуваат паралелите со политиката на Балканот.
Овој филм, како што заклучува Вукелиќ, е доказ дека за голем дел од западната публика, Балканот сè уште служи како лесен терен за создавање на непријатели. Ние остануваме удобна мета за фиктивни закани – подготвени да бидеме диктатори, бруталци и негативци, само затоа што нашите јазици и историја се доволно непознати и егзотични за да се злоупотребат во сценарио.
Филмот за Супермен може да биде одличен ако се гледа низ западна призма – но за публиката од овој регион, тој е уште еден потсетник дека, без оглед на промените, Холивуд не се откажува лесно од своите клишеа. И додека светот се менува, за Балканот, изгледа, улогата останува иста: стереотипен злосторник, овојпат со мајмуни и српски акцент.