ПРВ.мк
Сцена

ЕВРОВИЗИЈА ГИ МЕНУВА ПРАВИЛАТА: Победата веќе нема да значи и право на домаќинство – еве што се подготвува!

ЕВРОВИЗИЈА ГИ МЕНУВА ПРАВИЛАТА: Победата веќе нема да значи и право на домаќинство – еве што се подготвува!

Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која стои зад организацијата на „Евросонг“, воведува серија нови правила со кои значително се менуваат условите под кои една земја може да биде домаќин на следното издание на натпреварот.

Една од најважните новини се однесува на безбедноста и политичката стабилност на земјата победник. Според новите правила, доколку државата чиј претставник ќе победи е вклучена во вооружен конфликт или се процени дека се наоѓа во чувствителна геополитичка ситуација, таа може да го изгуби правото да го организира следното издание на „Евросонг“.

Тоа значи дека победата повеќе нема автоматски да гарантира дека победничката земја ќе биде домаќин на натпреварот следната година.

Од ЕБУ објаснуваат дека промената има за цел да се обезбеди сигурна и стабилна средина за сите учесници – од изведувачите и нивните делегации, до продукциските екипи и останатиот персонал кој е директно вклучен во организацијата.

Доколку победничката држава не може безбедно да го организира натпреварот, ЕБУ ќе има можност да избере друга телевизиска куќа од некоја од земјите учеснички која ќе ја преземе организацијата.

При проценувањето дали одредена земја ги исполнува безбедносните услови, може да биде ангажирано и независно тело кое ќе изврши проценка на ризикот. На тој начин одлуката не би се темелела само на проценка на организаторите, туку би можела да биде поткрепена и со независна безбедносна анализа.

Сличен случај веќе се случи во минатото. Во 2022 година Украина победи на „Евросонг“, но поради војната на нејзина територија, следното издание не можеше да биде организирано таму. Натпреварот во 2023 година затоа беше одржан во Ливерпул, Велика Британија, во организација на Би-би-си во соработка со украинската радиодифузна служба.

Новото правило особено внимание привлече поради политичките тензии кои во последните години го следат натпреварот. Сепак, важно е да се нагласи дека ЕБУ не воведува автоматска забрана за учество на земја која се наоѓа во конфликт.

Правилото пред сè го регулира прашањето на домаќинството. Со други зборови, една земја може да учествува на натпреварот и нејзиниот претставник може да победи, но тоа не значи дека државата нужно ќе го организира следното издание доколку безбедносната состојба не го дозволува тоа.

Промени има и во однос на самите учесници. Една од новините е зголемувањето на минималната возраст за настап. Наместо досегашната граница од 16 години, според новите правила, учесниците ќе треба да имаат најмалку 18 години.

ЕБУ воведува и дополнителни правила поврзани со музичките настапи. Главниот вокал на песната мора да биде изведен во живо, додека користењето однапред снимени вокални и инструментални елементи ќе биде дозволено само под точно утврдени услови.

Целта на овие измени е да се зачува автентичноста на настапите и „Евросонг“ да остане пред сè музички натпревар и телевизиско шоу во кое изведувачите навистина го презентираат својот настап пред публиката.

Ова не е првпат ЕБУ да ги менува правилата. Уште за изданието во 2026 година беа воведени дополнителни ограничувања поврзани со гласањето. Максималниот број гласови што еден гледач можеше да ги даде преку еден начин на плаќање беше намален од 20 на 10.

Во полуфиналињата повторно беа вклучени професионални жирија, а беа воведени и дополнителни механизми за откривање координирано или измамничко гласање.

Последните промени доаѓаат по период во кој „Евросонг“ беше проследен со големи политички и организациски тензии. Учеството на Израел предизвика сериозни реакции и бојкоти од повеќе земји, а прашањето за политичката неутралност на натпреварот повторно се најде во центарот на вниманието.

Според информациите наведени во соопштението, во 2026 година Израел настапил и го освоил второто место, додека Шпанија, Холандија, Ирска, Словенија и Исланд биле меѓу земјите кои се повлекле или најавиле бојкот поради спорот околу неговото учество.

Со најновиот пакет мерки, ЕБУ се обидува да постави појасни правила околу безбедноста, организацијата, гласањето и самите настапи, во обид натпреварот да се одржи под постабилни услови и да се зачува неговиот интегритет.