Овогодинешното издание на Евровизија се одвиваше под силни контроверзии, откако пет земји одлучија да не учествуваат, а дел од нив отидоа и чекор понатаму со целосно игнорирање на преносот на натпреварот.
Во центарот на спорот беше учеството на Израел, поради што дел од земјите изразија несогласување и се одлучија за бојкот на настанот.
Меѓу земјите што не настапија годинава се Шпанија (членка на „големата петорка“), Исланд, Холандија, Словенија и Ирска.
Дополнително, некои национални телевизии целосно го променија својот програмски распоред. Ирската RTÉ наместо Евровизија емитуваше специјална епизода од „Father Ted“ со евровизиска тематика, додека шпанската RTVE прикажа сопствен музички специјал под наслов „The House of Music“.
Шпанската телевизија емитуваше и порака за време на натпреварот, која брзо се прошири на социјалните мрежи:
„Евровизија е натпревар, но човековите права не се. Нема место за рамнодушност. Мир и правда за Палестина.“
Сличен став изрази и словенечката РТВ, која наместо евровизискиот пренос емитуваше програма посветена на Палестина.
И покрај бојкотот, Холандија и Исланд сепак го емитуваа натпреварот, иако не учествуваа со свои претставници.
Според податоците, оваа година учествувале 35 земји – најмал број од проширувањето на натпреварот во 2004 година.
Директорот на Евровизија, Мартин Грин, изјави дека недостигот на земјите учеснички е разочарувачки и дека разговорите за нивно враќање ќе продолжат:
„Оваа година ни недостасуваат пет членки на нашето семејство. Ги сакаме и се надеваме дека ќе се вратат. Ќе продолжиме да работиме на тоа, но одлуката е нивна и ја почитуваме“, изјави тој на прес-конференција во Виена.
Настанот ја отвори дебатата за политиката во рамките на музичкиот натпревар, кој традиционално се промовира како аполитичен, но сè почесто станува простор за меѓународни тензии.









