ПРВ.мк
Република

ЗДРАСТВЕНИОТ СИСТЕМ ПОД ПРИТИСОК: Мамографот во Штип во дефект – пациентките се пренасочуваат во овој град!

ЗДРАСТВЕНИОТ СИСТЕМ ПОД ПРИТИСОК: Мамографот во Штип во дефект – пациентките се пренасочуваат во овој град!

Министерството за здравство ја информира јавноста дека мамографскиот апарат во Клиничката болница Штип е надвор од употреба поради дефект, поради што е воспоставена привремена организација за да не се прекине скринингот за жените од источниот регион.

Според новиот договор меѓу болниците во Штип и Кочани, прегледите со мамограф ќе се изведуваат во Општата болница во Кочани, додека стручниот тим од Штип ќе ја врши анализа и интерпретација на добиените снимки.

Кај пациентките кај кои ќе се утврди потреба од дополнителни испитувања, како ехо преглед на дојка, тие ќе бидат упатувани назад во Штип за понатамошна дијагностика.

Од болницата во Штип наведуваат дека со ваквата организација месечно ќе се овозможи преглед на околу 100 жени, додека истовремено се работи на обезбедување нов апарат, бидејќи стариот не може да се поправи.

Во Кочани ќе биде воведена и втора смена за да се зголеми капацитетот и да се намалат листите на чекање, со што се обезбедува континуитет на услугата во целиот регион.

Министерството за здравство истакнува дека ова е привремено решение со кое системот се прилагодува за да не се наруши пристапот до превентивни здравствени услуги.