Се финализира изградбата на новата детска градинка во просторот на поранешната касарна на АРМ во Битола, проект кој Општина Битола го реализира со посветеност и визија за иднината на најмладите. Градоначалникот Тони Коњановски денес изврши увид во тековните градежни активности, нагласувајќи дека станува збор за еден од клучните инфраструктурни зафати на општината.

„Градиме иднина за нашите деца. Ги надминавме сите затекнати предизвици и денес ја привршуваме изградбата на простор кој ќе згрижува 250 деца — безбеден, модерен и комплетно функционален,“ изјави Коњановски.

Проектот се реализира во неколку фази. Во првата, со вредност од 43,4 милиони денари, беше изградена карабината со целосно застаклување, вклучувајќи земјени, бетонски, армирачки и покривни работи. Дополнително, беше инвестирано и во изградба на дренажен систем вреден 4,75 милиони денари, за заштита на објектот од високи подземни води.

Во тек е втората фаза, вредна речиси 80 милиони денари, која опфаќа градежно-занаетчиски работи, инсталации, внатрешно уредување, партерно уредување и оградување на објектот.

Градоначалникот потенцираше дека паралелно со изградбата, се вложува и во зголемување на безбедноста во сите образовни институции. „Во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување, интензивно спроведуваме контроли и преземаме мерки согласно добиените препораки, вклучително и дислокација на училници, со цел безбедна средина за децата,“ рече Коњановски.

Новата градинка е дел од пошироката стратегија на Општина Битола за развој на образовната и социјалната инфраструктура, со јасна цел: подобар живот за најмладите и сигурна иднина за сите граѓани.