Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, ја информираше јавноста дека едно лице вработено како раководител на сектор во општинската администрација е привремено суспендирано од работното место, откако против него е поднесена кривична пријава од страна на надлежни институции.
„Почитувањето на законските регулативи и принципите на транспарентност и одговорност се темел на работењето на локалната самоуправа. Тој став не е само декларативен, туку доследно се применува и во конкретни случаи,“ истакна Коњановски.
Суспензијата, според градоначалникот, е преземена во согласност со важечките прописи и внатрешните процедури и ќе трае додека е во тек постапката пред надлежните органи. Целта е, како што вели, да се овозможи непречено функционирање на институциите и да се зачува интегритетот на администрацијата.
„Неговото натамошно присуство во институцијата, додека трае постапката, штетно ќе се одрази врз процесите и ќе го оневозможи утврдувањето на одговорноста,“ стои во соопштението.
Коњановски нагласи дека оваа мерка е административна и не претставува пресудување, туку дел од напорите Општина Битола да делува строго согласно законите, без исклучоци и селективност.
„Правда мора да има, само преку доследна примена на законите и одговорност во работењето,“ порачува Коњановски.