Првиот вицепремиер и лидер на еден од столбовите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денеска испрати силна политичка порака, нагласувајќи дека борбата за идеали и принципи останува главната движечка сила на неговиот политички ангажман. Во обраќањето до јавноста, Меџити ги осуди обидите за раздор во коалицијата, оценувајќи ги како производ на личен опортунизам и клиентелизам.
„Политичкиот ангажман без идеал е опортунизам. Таму каде што нема принципи, има клиентелизам“, истакна тој, алудирајќи на поединци и политичари од минатото кои, според него, се плашат од промената и дејствуваат исклучиво во интерес на тесни клиентелистички кругови.
Меџити го оцени минатогодишниот процес на промени како тешка, но неопходна борба против стари структури и интереси. Тој ја обвини „подземната мрежа“ и политичките кланови за обидот да го дестабилизираат ВЛЕН, но порача дека тие обиди не успеале.
„И покрај силниот притисок, ВЛЕН останува обединет околу идејата за промена. Сценариото за раздор пропадна – затоа што нè обединуваат духот, принципите и идеалите“, рече Меџити, додавајќи дека Алијансата за Албанците ќе излезе уште посилна од оваа криза.
Со јасна порака дека нема место за опортунисти во овој процес, тој ги повика сите кои веруваат во промената да се приклучат на движењето.
„Тука сме, посилни од пред една година. Имаме исправна намера и чиста волја. Да веруваш во принципи и да се бориш за да ги одбраниш – ДА – ВРЕДИ!“, заврши Меџити.