И покрај најавите за стабилно и потопло време, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека ноќва и утре изутрина се очекува значителен пад на температурите, особено во ниските региони и котлините. Според прогнозите, минималните температури ќе се движат од -1 до 7 °C, додека дневните ќе достигнат меѓу 14 и 26 °C.
Од УХМР информираат дека до понеделник следува период на претежно стабилно и топло време. Сепак, утринските часови ќе бидат свежи, со зголемена веројатност за мраз, што претставува потенцијален ризик за чувствителните земјоделски култури.
„Во текот на наредната седмица, во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност, проследена со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи“, соопштуваат од УХМР.
Метеоролозите упатуваат апел до возачите да бидат повнимателни поради можноста за лизгави коловози во раните утрински часови. Земјоделците, пак, се повикуваат навремено да преземат мерки за заштита на посевите од ниските температури.