Трамп објави дека ќе разговара со Путин за прекин на војната во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на неговата социјална мрежа „Трут“ дека веќе закажал разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, кој ќе се одржи во понеделник. Главната тема на разговор ќе биде прекинот на војната во Украина.
„Тема на разговор ќе биде запирање на крвопролевањето во Украина, кое во просек убива повеќе од 5.000 руски и украински војници неделно“, напиша Трамп на „Трут“.
Оваа објава доаѓа откако претставници на Украина и Русија имаа директни разговори во Турција во петок, што беше првпат по три години двете земји да се сретнат лице в лице на такво ниво.
Трамп претходно изјави дека не очекува значаен напредок во мировните преговори без директен разговор со Путин. „Не верувам дека нешто ќе се случи, без разлика дали ви се допаѓа или не, сè додека тој и јас не се сретнеме“, изјави Трамп за новинарите оваа недела.
Трамп исто така планира да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со различни членки на НАТО по неговиот разговор со Путин.
„Се надевам дека ќе биде продуктивен ден, ќе се случи прекин на огнот и дека оваа многу насилна војна, која никогаш не требаше да се случи, ќе заврши“, напиша Трамп во својата објава.