Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја поздрави одлуката на Владата за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, оценувајќи ја како значаен чекор за развој на регионот и здравствениот систем во земјава.
„Со особено задоволство ја примив веста за оваа одлука која претставува стратешки исчекор во развојот на високото образование, здравствениот систем и регионалниот развој на Пелагонискиот регион“, изјави Коњановски.
Според него, отворањето на ваков факултет ќе им овозможи на младите од регионот и пошироко да добијат квалитетно образование во областа на медицината и здравството без да заминуваат во други градови или држави. Тој истакна дека формирањето на факултетот ќе придонесе и за зајакнување на здравствената инфраструктура преку образување кадар што ќе биде директно во служба на граѓаните.
„Очекуваме дека Факултетот ќе стане современ академски центар, кој ќе поттикнува научно-истражувачка дејност, ќе соработува со домашни и меѓународни институции и ќе биде двигател на позитивни промени во системот на здравствена заштита во земјата“, рече Коњановски.
Тој додаде дека ова е долгогодишна желба на битолчани и изрази надеж дека по подготвителниот период, Факултетот ќе почне со работа веќе од студиската 2026/2027 година.
„Факултет за медицински науки и здравство е инвестиција во иднината – во знаењето, здравјето и просперитетот на југозападниот дел од нашата држава“, порача Коњановски.