Москва бара повлекување на украинските сили од сите спорни територии како услов за прекин на огнот
Руските преговарачи, на неодамнешните мировни разговори што се одржаа во Истанбул, изнесоа низа услови пред да се согласат на прекин на огнот со Украина, изјави висок украински функционер запознаен со текот на преговорите. Главното барање на Москва е целосно повлекување на украинската армија од териториите што Русија ги смета за свои.
Според истиот извор, Русија побара Украина да ги повлече своите сили од регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон – делумно окупирани од руската армија – како предуслов за натамошен мировен договор. Дополнително, Москва инсистира овие територии, заедно со Крим, да бидат меѓународно признати како дел од Руската Федерација.
Овие барања, изнесени усно од руските преговарачи, значително го надминуваат обемот на американскиот нацрт-предлог за мир, кој предвидува правно признавање на Крим како руска територија и фактичко признавање на делови од другите региони под руска контрола.
Без договор за прекин на огнот, договорена само размена на заробеници
Истанбулските преговори беа први директни разговори меѓу двете страни по три години, но не донесоа договор за прекин на огнот. Единствено што беше постигнато е договор за размена на воени заробеници.
Трет клучен услов на Москва, изнесен на состанокот, е откажување од барањата за воена отштета. Русија инсистира ниту една страна да не бара репарации за штетите од војната, додека Соединетите Американски Држави во своите предлози поддржуваат отштета за Украина.
Украинските власти сметаат дека барањата на Москва укажуваат на отсуство на вистинска намера за постигнување мир. Во меѓувреме, Киев и неговите европски партнери предложиле алтернативна рамка, според која прекинот на огнот би претходел на какви било разговори за територијални прашања – план што Русија моментно го одбива, инсистирајќи на целосен договор пред прекин на воените дејства.
Европските сојузници на Украина, во светло на тврдите позиции на Москва, бараат од американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови санкции против Русија.