Во Велес денеска е поставен камен-темелник за, како што е наведено, најголемата инвестиција на Општина Велес – изградба на подземна катна гаража со капацитет од 100 паркинг места, над која ќе биде уреден современ градски плоштад.
Почетокот на реализацијата на проектот беше означен заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и пратениците Игор Здравковски и Александар Јамалов.

Проектот се реализира во соработка со Владата и Министерството за транспорт, а од Општина Велес упатија благодарност и до министерот за транспорт Александар Николоски за поддршката и придонесот во реализацијата на проектот.
Од Општината посочуваат дека зад реализацијата на ваков проект стојат повеќе институции и лица – проектанти, надзор, градежни компании и општинската администрација, кои се вклучени во подготовката и реализацијата на градежните активности.

Воедно, од Општина Велес упатија благодарност до граѓаните за трпението и разбирањето во периодот додека траат градежните работи, со оценка дека крајниот резултат треба да биде нов и уреден јавен простор наменет за сите велешани.

Во рамките на денешната посета, премиерот Мицкоски, министерот Тошковски и претставници на локалната власт го посетија и командниот центар за „Safe City“ во СВР Велес. Безбедносниот систем од вчера е активен и на територијата на Велес, со што се најавува дополнително унапредување на контролата и безбедноста во сообраќајот.

Од Општина Велес порачуваат дека со реализацијата на проектот се поставуваат темели не само на нов објект, туку и на поуреден, помодерен и побезбеден град.















