ПРВ.мк
Црна Хроника

НЕВЕРОЈАТЕН ШВЕРЦЕРСКИ ПЛАН: Хартија минувала преку Албанија за печатење пари во Македонија - еве како успевале!

НЕВЕРОЈАТЕН ШВЕРЦЕРСКИ ПЛАН: Хартија минувала преку Албанија за печатење пари во Македонија - еве како успевале!

Во времето на распадот на поранешната југословенска федерација, Македонија се соочувала со сериозна економска неизвесност и опасност од целосен монетарен колапс. Упадите во монетарниот систем, најпрво од Србија, а потоа и од Словенија и Хрватска, предизвикале хиперинфлација од огромни размери. Вредноста на парите се намалувала за само два до три дена, а уличните дилери на девизи станале едни од највлијателните фигури во тогашното општество.

Како Македонија успеала да излезе од таквата ситуација, да постави сопствен монетарен систем и да го воведе денарот, во отвореното студио на 4news.mk раскажа професорот Љубе Трпески, поранешен потпретседател на Владата и гувернер на Народната банка.

Трпески откри дека подготовките за воведување сопствена валута биле спроведувани во најголема тајност. Претседателот Киро Глигоров формирал мала работна група во која биле премиерот Никола Кљусев, министерот за финансии Методија Тошевски, гувернерот Борко Станоевски, академикот Ксенте Богоев и самиот Трпески.

Групата се состанувала речиси секоја вечер, а целата операција била третирана како исклучително чувствителна државна задача. Според Трпески, немало простор за грешка, бидејќи неуспехот би можел да значи губење на довербата на граѓаните и дополнителен економски хаос.

Посебен проблем претставувала набавката на специјалната хартија за банкноти. Во поранешна Југославија таквата хартија ја произведувала само една фабрика во Словенија. Поради воените случувања и стравувањата дека подготовките би можеле да бидат откриени, хартијата била транспортирана по тајна рута – со брод до Албанија, а потоа со камиони била пренесена во Македонија.

Првите вредносни бонови биле печатени во печатницата „11 Октомври“ во Прилеп. На нив намерно не било наведено името на валутата, туку биле испишани само номиналните вредности, како 10 и 50. Причината била да се спречи прераното откривање на планот за воведување сопствена македонска валута.

Следниот голем чекор бил направен во 1993 година, кога бил распишан меѓународен конкурс за дизајнот на денарот. На конкурсот учествувале осум автори, а победил проектот под шифрата „Доријан“, зад кој подоцна било утврдено дека стои уметничката Билјана Унковска.

Унковска предложила банкнотите да содржат и ликови на значајни историски личности, меѓу кои Гоце Делчев, Браќата Миладиновци и Климент Охридски. Сепак, државниот врв, по сугестија на претседателот Глигоров, се определил на македонските банкноти да доминираат културни, историски и природни симболи, наместо портрети на личности.

Според Трпески, една од причините за таквата одлука била стравот од повторување на искуството со југословенскиот динар, кога поради инфлацијата и девалвацијата ликовите на историските личности на банкнотите ја изгубиле својата вредност во очите на граѓаните. Дополнително, избегнувањето на политички и историски личности требало да спречи отворање нови меѓуетнички и политички спорови.

Затоа на првите македонски банкноти биле избрани мотиви од културното наследство и природата, меѓу кои Ангелот од Курбиново, Тетовското Кале и Богородица. Банкнотата со мотивот на Богородица, според Трпески, подоцна предизвикала голем интерес кај светските колекционери и била издвоена како уникатен пример.

Трпески зборувал и за еден од најконтроверзните процеси од транзицијата – приватизацијата. Според него, проблемот не бил во студијата на економистот Ченто Вељановски, туку во начинот на кој процесот бил спроведуван во пракса.

Тој посочил дека проценителски групи од факултетите и институтите на терен влегувале во спрега со дел од директорските структури, при што општествениот имот бил вештачки потценуван. Како последица, според неговото сведоштво, преку ноќ биле создадени нови милионери, додека истовремено се уништувал голем дел од тогашната средна класа.