Жените низ целиот свет живеат подолго од мажите – и тоа не е случајност. Долги години овој феномен се објаснуваше со поздрав начин на живот, подобри навики во исхраната и поголема грижа за здравјето. Но најновото истражување објавено во Science Advances открива дека причината се крие многу подлабоко – во самата еволуција и генетиката.
Научниците анализирале неверојатни 1.176 видови – од шимпанза и глодари, до птици и лосови – и резултатите се шокантни: кај 72% од цицачите женките живеат во просек 12% подолго од мажјаците, додека кај 68% од птиците важи спротивното – мажјаците живеат околу 5% подолго.
Клучна улога имаат половите хромозоми. Жените имаат два X хромозома што нудат „резервна заштита“ од генетски мутации, додека мажите имаат само еден X и еден Y. Кај птиците, ситуацијата е обратна – мажјаците имаат два исти хромозома (ZZ), што им дава предност во долговечноста.
Сепак, хромозомите не се целата приказна. Однесувањето, начинот на размножување, околината и конкуренцијата меѓу половите исто така влијаат. На пример, кај моногамни видови разликата е помала, но кај оние каде мажјаците се борат за повеќе партнерки – животот им е значително пократок.
Интересно е што и во зоолошки градини, каде животните живеат во контролирани услови, женките сепак имаат предност во долговечноста. Научниците додаваат дека кај шимпанзата и горилите таа разлика е уште поочигледна отколку кај луѓето.
Истражувањето носи едноставен заклучок – женската долговечност не е мит, туку длабоко вкоренета еволутивна предност.