Новиот безжичен стандард Wi-Fi 8 нема да трча по брзина, туку ќе ја менува играта со стабилност, сигурност и покриеност. За првпат, фокусот не е на теоретски гигабити, туку на реално корисничко искуство, особено на места каде што интернетот најмногу фаќа магла – аеродроми, трговски центри, стадиони и паметни згради.
Иако и понатаму ќе работи на истите фреквенции (2,4 GHz, 5 GHz и 6 GHz), ќе донесе до 25% подобар проток, помала латентност и значително помалку изгубени пакети – што значи подобар гејминг, стабилни видео повици и полесно движење низ различни Wi-Fi точки без прекини.
Наместо хардверски експерименти, Wi-Fi 8 се потпира на напредни софтверски решенија како beamforming и поефикасно управување со мрежниот сообраќај.
Првите уреди се очекуваат до крајот на 2027 година, додека широка примена и сертификација се предвидени за 2028. Ова не е само технолошка иновација – туку вистински одговор на годините интернет-фрустрации во реалниот свет.