Алиса Тепли, 16-годишната девојка од Лестер, стана првата личност во светот која ја примила новата терапија против акутната Т-клеточна лимфобластна леукемија во болницата „Грејт Ормонд Стрит“. Некогаш неизлечивата и агресивна болест сега е под контрола, а Алиса може да ужива во животот и да планира иднина како научник кој ќе го изучува ракот.
Терапијата користи напредна технологија за прецизно уредување на ДНК базите на белите крвни клетки. Здравите Т-клетки се препишуваат и насочуваат да ја препознаат и уништат леукемијата без да му наштетат на телото. Овој процес вклучува отстранување на стар имунолошки систем и создавање нов, кој функционира како „жив лек“ во борбата против ракот.
Првите резултати се импресивни: од 11 пациенти третирани во рамки на студијата, девет постигнале длабока ремисија, а речиси две третини од нив остануваат без болест. Алиса поминала четири месеци во болница, изолирана од својот брат за да се заштити од инфекции, но сега нејзиниот рак е недектабилен и се потребни само годишни прегледи.
– „Навистина мислев дека ќе умрам и дека никогаш нема да ги искусам сите работи што секое дете заслужува. Но, сега можам да живеам, учам и да сакам да помогнам на другите пациенти“, вели Алиса.
Терапијата, иако комплексна и интензивна, се смета за голем пробив во медицината. Процесот на уредување на базите во ДНК им овозможува на научниците да ги „препишат“ генетските инструкции на Т-клетките така што тие ќе ги препознаат и уништат болестите. Според професорот Васим Касим од UCL и „Грејт Ормонд Стрит“:
– „Оваа терапија е како научна фантастика, но кога функционира, резултатите се брилијантни.“
Новите клинички резултати носат надеж за пациенти со агресивни форми на леукемија, кои претходно немале други опции освен да се подложат на тешки хемотерапии или да се подготват за последните денови од животот. Алиса е доказ дека науката може да ги претвори најмрачните сценарија во нови можности за живот.
















