ПРВ.мк
Наука/Технологија

РЕВОЛУЦИЈА ВО МЕДИЦИНАТА: Тројна „паметна“ инјекција против рак шокира со резултати – кај дел од пациентите туморите целосно исчезнале!

РЕВОЛУЦИЈА ВО МЕДИЦИНАТА: Тројна „паметна“ инјекција против рак шокира со резултати – кај дел од пациентите туморите целосно исчезнале!

Лекарите и научниците ширум светот со голем оптимизам реагираат на нови резултати од клиничко испитување кое покажува дека иновативна тројна инјекциска терапија против рак може кај одредени пациенти целосно да ги елиминира туморите.

Според пишувањето на „Гардијан“, станува збор за лекот амивантамаб, кој бил испитуван кај пациенти со напреднат рак на глава и врат, кај кои болеста претходно се вратила или се проширила и покрај хемотерапија и имунотерапија.

Истражувањето опфатило меѓународна група од 102 пациенти од 11 различни држави, а резултатите покажале значаен одговор на терапијата. Кај 43 пациенти туморите се намалиле или целосно исчезнале по третманот.

Кај 28 пациенти е забележано значително намалување на канцерогеното ткиво, додека кај 15 пациенти лекарите не пронашле никакви траги од тумор по завршувањето на терапијата.

Стручњаците кои учествувале во истражувањето велат дека резултатите се особено важни затоа што станува збор за група пациенти кај кои стандардните третмани повеќе не делувале.

Професорот Кевин Харингтон од Институтот за истражување на ракот во Лондон истакнал дека се работи за исклучително силни реакции на терапијата кај пациенти со напредната болест.

Резултатите биле презентирани на годишната конференција на Американското здружение за клиничка онкологија (ASCO), најголемиот светски собир во областа на онкологијата.

Амивантамаб се опишува како „паметна“ терапија која делува на три различни механизми во исто време. Прво го блокира протеинот EGFR кој го стимулира растот на туморите, потоа го инхибира MET сигналниот пат што канцерогените клетки го користат за преживување и отпорност на терапија, а истовремено го поттикнува имунолошкиот систем да ги напаѓа малигните клетки.

Истражувачите наведуваат дека слични позитивни ефекти биле забележани и кај пациенти со рак на белите дробови, што отвора можност за поширока примена на терапијата.

Дополнително, третманот се разликува од многу други онколошки терапии бидејќи не се применува преку интравенска инфузија, туку со поткожна инјекција, што значително го олеснува процесот на примање терапија.

Овој начин на примена овозможува пациентите да поминуваат помалку време во болница, а несаканите ефекти најчесто се опишуваат како благи до умерени. Помалку од 10 проценти од учесниците морале да го прекинат третманот поради несакани реакции.

Меѓу пациентите кои имале позитивен одговор на терапијата е и 56-годишниот Карл Волш од Бирмингем, кај кого во 2024 година бил дијагностициран рак на јазикот.

Откако претходните третмани не дале резултат, тој бил вклучен во клиничката студија OrigAMI-4 во болницата „Ројал Марсден“.

Тој опишува дека по неколку циклуси од терапијата дошло до значително подобрување на неговата состојба, особено во однос на болките, говорот и исхраната, кои претходно биле сериозно нарушени.

Во подоцнежна фаза, како што наведува, повторно успеал нормално да се храни и да се врати на секојдневни активности, без ограничувања.

Истражувањето се фокусирало на пациенти со рак на глава и врат кои не се поврзани со ХПВ инфекција, група која традиционално има потешка прогноза и ограничени можности за лекување.

Според податоците од студијата, пациентите кои ја примиле терапијата живееле просечно 12,5 месеци по почетокот на третманот, што истражувачите го оценуваат како значаен напредок во однос на очекуваните исходи кај оваа група пациенти.

Директорот на Институтот за истражување на ракот, Кристијан Хелин, оцени дека резултатите претставуваат важен чекор напред во онколошките терапии и дека даваат нова надеж за пациенти со ограничени опции за лекување.

Најнови вести