Летувањето на хрватското приморје секоја година станува сè поскапо, а најновите анализи покажуваат дека цените за сместување во Ровињ и Сплит достигнуваат нивоа што за многу семејства се сè потешко достапни.
Според споредба на цени за јули, четиричлено семејство за пет ноќевања во апартман во овие два града ќе треба да издвои од 613 до дури 2.000 евра, во зависност од локацијата, квалитетот и периодот на престој.
Кај хотелското сместување, сумите се уште повисоки и се движат од 1.450 до околу 3.000 евра за истата должина на престој, што покажува дека хотелите остануваат поскапа опција, но разликата со апартманите постепено се намалува.
Анализата базирана на податоци од Booking.com опфаќа сместувања со четири ѕвезди и високи оценки од гости, на растојание до три километри од центарот, за период од 13 до 18 јули.
Во Ровињ, најевтините хотелски аранжмани за четиричлено семејство започнуваат од околу 1.456 евра, додека најскапите опции надминуваат 3.000 евра за пет ноќевања. Апартманите таму се значително попристапни, со цени од околу 613 до 900 евра.
За двајца возрасни, хотелско сместување во Ровињ чини меѓу 810 и 1.060 евра, додека апартманите се движат од 550 до 800 евра.
Во Сплит, цените се уште повисоки. За четиричлено семејство хотелите чинат од 1.879 до 2.107 евра, додека апартманите се движат од 1.235 до 2.000 евра за пет ноќевања.
Кај паровите, хотелските цени во Сплит се меѓу 1.054 и 1.324 евра, додека апартманите чинат од 620 до 1.280 евра.
Иако хотелите и понатаму се поскапи, анализата покажува дека квалитетните приватни апартмани, особено во централните делови на Сплит, веќе достигнуваат цени многу блиски до хотелските, што ја намалува разликата меѓу двата вида сместување и дополнително го поскапува летувањето на Јадранот.








