На интернет можат да се пронајдат најразлични совети за наводно природно лекување на кратковидоста – од вежби за очите и поттикнување на нивното самолекување, до промени во исхраната и редовно изложување на сончева светлина. Но, дали навистина е можно диоптријата да се намали и видот да се врати без очила или медицинска интервенција?
Еден корисник на Фејсбук тврди дека забележал значително подобрување на својот вид откако престанал да носи очила, секојдневно јадел салата од моркови и редовно поминувал време на сонце. Сепак, ваквите тврдења немаат научна потврда. Експертите објаснуваат дека структурното издолжување на очното јаболко, кое најчесто стои зад кратковидоста, не може да се врати со вакви методи.
Промените во измерениот диоптер при различни прегледи може да зависат од моменталната состојба на окото и условите во кои се врши мерењето. Затоа, помала вредност на диоптријата не мора да значи дека кратковидоста навистина се повлекува.
Што всушност се случува кај кратковидоста?
Кратковидоста, позната и како миопија, е состојба при која далечните предмети се гледаат заматено. Најчесто се јавува кога очното јаболко е предолго во однос на неговата рефрактивна моќ. Поради тоа, светлината не се фокусира директно на мрежницата, туку пред неа.
Според Професионалното здружение на офталмолози во Германија, просечната должина на очното јаболко кај возрасните изнесува околу 24 милиметри. Кај децата, миопијата може да се развива паралелно со растот на очното јаболко.
Австриското офталмолошко друштво посочува дека врз појавата на кратковидоста влијаат и генетските фактори и условите на животната средина.
Дали престојот на сонце може да го подобри видот?
Научните истражувања покажуваат дека поминувањето повеќе време на отворено, изложеноста на природна дневна светлина и активностите надвор можат да помогнат во спречувањето или одложувањето на појавата на миопија кај децата.
Од друга страна, продолжената работа на кратко растојание, како што е долготрајното гледање во екрани или читањето одблизу, се поврзува со зголемен ризик од развој на кратковидост.
Сепак, важно е да се направи разлика: дневната светлина може да има превентивна улога во детството и да го забави напредувањето на миопијата, но не може да го скрати очното јаболко кое веќе се издолжило. Истото важи и за возрасните – ниту долг престој на сонце не може да ја отстрани постоечката кратковидост.
Вежбите за очи не можат да ја излечат миопијата
Многумина веруваат дека со редовни вежби може да ги зајакнат очните мускули и постепено да го подобрат видот. Но, научните докази не го потврдуваат тоа.
Мета-анализата на кинески истражувачи, објавена во стручното списание „Eyes“, покажала дека вежбите за очи имаат ограничен или никаков ефект врз спречувањето на миопијата и забавувањето на нејзиното напредување.
И германскиот фонд за здравствено осигурување AOK наведува дека нема научни докази оти ваквите вежби го подобруваат видот кај лицата со кратковидост. Очните мускули не се причината за структурното издолжување на очното јаболко, па затоа нивното вежбање не може да го отстрани проблемот.
Дали морковите навистина помагаат?
Морковите содржат бета-каротен, супстанција од која организмот создава витамин А. Овој витамин е важен за нормалното функционирање на мрежницата, па затоа правилната и разновидна исхрана е значајна за здравјето на очите.
Но, тоа не значи дека јадењето моркови може да ја намали диоптријата или да ја излечи кратковидоста. Ниту одредени додатоци во исхраната можат да ја поништат структурната промена на очното јаболко.
Ова го потврдува и анализа на научни истражувања објавена во 2025 година во стручното списание „Nutrients“.
Како навистина се коригира кратковидоста?
Очилата и контактните леќи ја коригираат рефрактивната моќ на окото, овозможувајќи светлината повторно правилно да се фокусира на мрежницата и сликата да биде јасна.
Ласерската операција, пак, ја менува рефрактивната моќ на окото со корекција на рожницата, но не го скратува очното јаболко.
Затоа, намалувањето на измерениот диоптер не е автоматски доказ дека кратковидоста е излечена. Иако здравата исхрана, престојот на отворено и правилните навики се важни за здравјето на очите, тие не можат да ја поништат веќе настанатата структурна промена што ја предизвикува миопијата.









