Жената која беше примена во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје по пријавено дводневно семејно насилство од страна на сопругот, се наоѓа во животозагрозувачка состојба. Откако првично била донесена во Ургентниот центар со возило на Итната медицинска помош, таа била префрлена на интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ
Според информациите од болнички извори, жената има скршеници на ребрата, крварење во главата и бројни гребаници по телото. Има и хематом на устата, а повредите на лицето се сериозни. Засега дише самостојно, но лекарите нејзината состојба ја оценуваат како животозагрозувачка.
Контролни медицински прегледи се најавени за утринските часови, по што ќе има повеќе информации за нејзината здравствена состојба.
Тврдела дека сопругот ја тепал два дена
Како што претходно било објавено, жената била донесена во Ургентниот центар со сериозни повреди, а според информациите од болничките извори, на лекарите и полицијата им кажала дека сопругот ја тепал во текот на два дена.
При приемот била слабо контактибилна. Насилството го пријавил нејзиниот татко, по што повредената била пренесена од болницата во Гостивар во Скопје на понатамошно лекување.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово информирале дека сопругот на повредената жена веднаш бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица за понатамошна постапка.
Полициските служби најавиле дека повеќе детали за настанот и околностите ќе соопштат во текот на наредниот ден.






