По дождливото време, Македонија се подготвува за значително заладување во текот на претстојниот викенд. Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, во сабота, 28 ноември, ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Со продорот на постуден воздух од север, во текот на попладневните и вечерните часови на повисоките места дождот ќе преминува во снег.
Промената ќе се почувствува и во Велес и Повардарието, каде се очекуваат дожд и заладување, а во недела не се исклучени и врнежи од дожд и снег. Во Велес температурите во сабота се очекува да се движат околу 5 до 10 степени, додека во недела ќе бидат значително пониски, со дневна температура од околу 4 степени.
Од недела се очекува нагло опаѓање на температурите. Во Велес во недела, 29 ноември, прогнозата најавува повремени врнежи од снег, со утринска температура околу нулата и дневна до 2–4 степени. Ќе дува и ветер, па чувството на студ ќе биде поизразено.
Од понеделник следува суво, но многу студено време
На почетокот на новата работна недела врнежите ќе престанат, а ќе има сончеви периоди. Сепак, температурите значително ќе се намалат. Во Велес во понеделник наутро се очекуваат околу -7 степени, додека дневната температура ќе достигне само околу 1 степен.
Уште постудено утро се најавува во вторник и среда, кога минималните температури би можеле да се спуштат до -8 степени. Преку денот ќе биде претежно сончево, но студено, со температури околу -1 до 2 степени.
Според прогнозата на УХМР, и на ниво на целата држава почетокот на декември ќе донесе студено време, со утрински температури под нулата и сончеви периоди.
Граѓаните треба да се подготват за студен викенд, можни зимски услови на патиштата и појава на мраз во утринските часови на почетокот на следната недела. Возачите што ќе патуваат низ планинските предели треба да бидат особено внимателни.









