Лорен Симонс, само петнаесетгодишен, го одбрани своето докторско истражување по квантна физика на Универзитетот во Антверпен, Белгија, со што се запиша како еден од најмладите доктори на науки во светот. Темата на неговата дисертација беше „Бозе поларони во суперфлуиди и суперцврсти тела“, а неговата амбиција оди далеку надвор од стандардните научни рамки – Лорен сака да ја отклучи човечката бесмртност и да создаде натчовечки суштества.
Роден во Белгија, Лорен се смета за „чудо од дете“ уште од мали години. Средното училиште го завршил за само една година, на осумгодишна возраст. Во 2019 година, речиси станал најмлад универзитетски дипломец пред да наполни 10 години, но се откажал од програмата по електротехника на Технолошкиот универзитет во Ајндховен поради проблеми со распоредот за дипломирање. Наместо тоа, се префрлил на Универзитетот во Антверпен, каде што дипломирал по физика за само 18 месеци.
На 12-годишна возраст, додека неговите врсници сеуште посетуваат средно училиште, Лорен веќе бил магистер по квантна физика. Тој ги завршил редовните студии за само еден семестар, а вториот го посветил на тезата и праксата во Институтот „Макс Планк“ во Германија, каде што се занимавал со пресекот на физиката и медицината. По успешно завршената докторска теза, Лорен ја продолжил својата академска кариера со нови цели, убеден дека сè уште не ги достигнал своите граници.
„По ова ќе почнам да работам на мојата цел за создавање натчовечки суштества“, изјави младиот гениј, истакнувајќи дека интересот за човечката бесмртност го има уште од 11-годишна возраст.
Лорен има коефициент на интелигенција од 145, што го класифицира како „високо надарен“ според стандардните тестови Вехслер и Стенфорд-Бине. Веднаш по одбраната на докторската теза, се преселил во Минхен со својот татко, каде што веќе започнал втора докторска програма по медицински науки со специјализација во вештачка интелигенција.
















