Шведски епидемиолози и токсиколози од Универзитетот во Лунд откриваат можна врска меѓу тетоважите и зголемениот ризик од рак на кожата, особено меланом.
Истражувањето опфатило речиси 3.000 лица со дијагностициран меланом и околу 8.500 здрави испитаници. Според резултатите, 22% од лицата со меланом имале тетоважи, во споредба со 20% кај здравите лица. Научниците заклучуваат дека тетовираните лица се изложени на поголем ризик од ова заболување.
Сепак, тие нагласуваат дека потребни се дополнителни епидемиолошки студии пред да се утврдат конкретните причинители. Како можен фактор се наведува присуството на канцерогени супстанции во боите за тетоважи.
Кристел Нилсен, вонредна професорка по епидемиологија, истакнува дека се неопходни понатамошни истражувања за да се потврди дали постои директна поврзаност меѓу боите за тетоважи и развојот на рак на кожата.
















