Ковид-19 не завршува секогаш со негативен тест и исчезнување на симптомите. Најновото научно истражување укажува дека вирусот може да остави долготрајни и мерливи промени во човечкиот мозок, дури и кај лица кои се сметаат за целосно закрепнати.
Истражувачки тим од Националниот центар за невроимунологија и нови болести при Универзитетот „Грифит“ користел напредни техники на магнетна резонанца (МРИ) за да ги испита ефектите на ковид-19 врз мозочната структура и функција. Во студијата биле споредувани лица кои ја прележале болеста со испитаници кои никогаш не биле заразени.
Резултатите покажуваат јасни разлики во мозочното ткиво, вклучително и во сивата и белата маса – региони клучни за меморијата, концентрацијата и когнитивните способности. Научниците забележале промени во неврохемикалиите, структурата на ткивото и интензитетот на мозочните сигнали.
Водечкиот автор на студијата, д-р Киран Тапалија, истакнува дека промените не се забележани само кај лица со т.н. „долг ковид“, туку и кај оние кои немале симптоми подолг период и верувале дека целосно се опоравиле. Според него, тежината на промените во мозокот често е поврзана со сериозноста на симптомите за време на инфекцијата, што укажува дека вирусот може да има тивок, но траен ефект врз здравјето на мозокот.
Овие наоди помагаат да се објаснат когнитивните проблеми како „магла во мозокот“, нарушена меморија и потешкотии со фокусот, кои многу пациенти ги пријавуваат со месеци, па дури и години по прележувањето на ковид-19.
Директорката на центарот, проф. Соња Маршал-Градишник, нагласува дека истражувањето ја потврдува потребата од понатамошно следење на невролошкото здравје кај луѓето кои ја прележале болеста. Таа посочува дека пристапот до современи технологии овозможува подобро разбирање на скриените последици од вирусот и развој на поефикасни стратегии за третман и рехабилитација.
Научниците порачуваат дека ковид-19 не треба да се гледа само како краткотрајна респираторна инфекција, туку како болест со потенцијални долгорочни ефекти врз целиот организам, особено врз мозокот.
















