Попладнево во Белград дел од стар напуштен двокатен објект се урнал, при што според службите за вонредни ситуации, нема повредени лица.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека инцидентот се случил околу 13:30 часот на улицата „Џорџ Вашингтон“. Покрај делот од објектот што се урнал, уништено е и градежно скеле што било поставено на него.
Чаушиќ додаде дека според моментално достапните информации, нема жртви, а урнатината ги оштетила четирите возила паркирани пред двокатниот објект. На теренот се вршат дополнителни пребарувања за евентуални други штети или остатоци.
Инцидентот предизвика реакции од опозициските партии, кои упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, поради, како што истакнуваат, несоодветно одржување и контрола на старите и напуштени објекти.
Службите продолжуваат со обезбедување на локацијата и проценка на штетите за да се спречат дополнителни ризици за граѓаните.

















