Иако дел од малигните заболувања се последица на генетика, возраст и други фактори врз кои човек нема директно влијание, стручните проценки покажуваат дека дури 42 проценти од новите случаи на рак би можеле да се спречат. Она што дополнително охрабрува е фактот што навиките кои го намалуваат ризикот од канцер, во исто време придонесуваат и за подобро целокупно здравје.
Истражувањата сè почесто ја поврзуваат ултра-преработената храна со зголемен ризик од развој на рак и други хронични заболувања. Станува збор за производи со долг рок на траење кои содржат состојки што ретко се користат во домашната кујна – вештачки бои, засладувачи, ароми и различни адитиви.
Токму поради тоа, д-р Ернест Хок, потпретседател на Одделот за превенција на рак при Универзитетот во Тексас, вели дека свесно се труди да ја минимизира преработената храна и секојдневно да внесува повеќе свежо овошје и зеленчук. Тој објаснува дека пред неколку години се соочил со прекумерна телесна тежина, но со промена на исхраната и начинот на живот успеал да ослаби и да ја одржи таа тежина.
Неговата рутина денес вклучува готвење дома, носење оброци на работа и редовна физичка активност, дури и за време на работниот ден. Користи секоја можност за движење, како прошетки низ болничките ходници за време на паузите. Неговата порака е дека здравите навики треба да се градат рано и да се пренесуваат на луѓето околу нас.
Освен исхраната и физичката активност, онколозите нагласуваат и уште еден често занемарен фактор – менталниот мир. Хируршкиот онколог Антон Џ. Билчик укажува дека хроничниот стрес и лошиот сон можат сериозно да влијаат врз имунолошкиот систем и микробиомот, што долгорочно го зголемува ризикот од рак и срцеви заболувања.
Тој признава дека стресот е еден од најголемите предизвици во неговата професија, но се обидува да го контролира преку техники на дишење, медитација и јасно одвојување на работното од слободното време. Кога не работи, целосно се исклучува и избегнува проверка на електронска пошта, што, според него, е клучно за психичката рамнотежа.
Редовното вежбање е уште еден столб на превенцијата. Според податоците на американските здравствени институции, физички активните лица имаат значително помал ризик од развој на неколку чести видови рак, меѓу кои се ракот на дојка, дебело црево, матка и бели дробови.
Професорката по хирургија Кристина Тил истакнува дека се обидува да вежба најмалку четири до пет пати неделно. Нејзините тренинзи вклучуваат комбинација од лесни тегови, вежби за големи мускулни групи, трчање и долги прошетки. Покрај тоа, таа се труди секојдневно да достигне околу 10.000 чекори, дури и во денови кога се чувствува уморно.
За онкологот Џек Џакуб, превенцијата започнува со одржување здрава телесна тежина. Тој редовно вежба, комбинирајќи јога, кардио и тренинг за сила, не пуши, не консумира алкохол и го ограничува внесот на црвено и преработено месо, за кои е утврдено дека се поврзани со одредени видови рак.
Според него, доследноста е најважниот фактор. Здравите навики немаат ефект ако се применуваат повремено, туку само ако станат начин на живот. Како што вели самиот, тој се труди да живее токму така како што ги советува и своите пациенти.
















