Русија успешно го тестираше прототипот на ултрапрецизен систем за позиционирање и навигација кој не користи сателити, соопшти рускиот Фонд за технолошки иновации.
Системот, наречен „Аријадна“, ги поминал сите почетни тестирања, а веќе е поднесена апликација за патент, што укажува на неговото потенцијално стратешко значење. За разлика од традиционалните навигациски системи како GPS или ГЛОНАСС, „Аријадна“ функционира целосно автономно, без ослонување на сателитска инфраструктура.
Според достапните информации, ваквиот систем би можел да се користи во услови каде сателитската навигација е недостапна или попречена – како во воени операции, подземни објекти, урбани зони со густо градење или при електронско заглушување.
Од Фондот наведуваат дека развојот на „Аријадна“ е дел од пошироките напори за технолошка независност и зголемување на безбедноста, а во иднина се разгледува и цивилна примена во транспортот, индустријата и инфраструктурата.
Дополнителни технички детали засега не се објавени, но се очекува системот да влезе во следната фаза на развој и тестирање во текот на наредниот период.
















