ПРВ.мк
Македонија

Жестока расправија на работно место заврши со пријава: Комисијата утврди дискриминација по расна основа во Македонија!

Жестока расправија на работно место заврши со пријава: Комисијата утврди дискриминација по расна основа во Македонија!

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди случај на вознемирување врз основа на раса, боја на кожа, потекло и етничка и национална припадност во работните односи, по претставка поднесена од работник од ромска националност против негов претпоставен.

Случајот произлегува од конфликт меѓу двајца вработени – работник од ромска и претпоставен од албанска националност. Пријавителот тврдел дека за време на расправија бил навреден со зборот „Циган“, по што побарал заштита од Комисијата. Во текот на постапката, пак, било утврдено дека и тој во еден момент му возвратил на колегата со навредливиот збор „Шиптар“, но за тоа не била поднесена претставка до КСЗД.

Според поднесената претставка, двајцата работеле во компанијата околу два месеца кога, на 26 ноември 2025 година, дошло до конфликт при монтажа на противпожарни врати на објект во Тетово. Проблемот настанал откако една од вратите не можела да биде монтирана поради погрешно земени мерки. Според наводите, работникот кој ги направил мерењата се обидел да ја прикрие грешката, додека претпоставениот го снимил тоа со мобилен телефон.

Пријавителот наведува дека по инцидентот претпоставениот почнал агресивно да се однесува, да вика и да пцуе, а додека се враќале кон Скопје, продолжил со навредите и му покажувал тупаници. Во еден момент возачот, кој бил пријавителот, застанал со возилото, а по телефонски разговор со сопственикот на фирмата добил совет да остане смирен.

Откако се вратиле во компанијата, работникот го пријавил инцидентот и кај сопругата на сопственикот. Според неговите тврдења, претпоставениот и тогаш продолжил со навредите, обраќајќи му се со зборовите: „Циган, не сакам да те гледам“.

Во меѓувреме, компанијата веќе спровела внатрешна дисциплинска постапка. Било утврдено дека одговорност има кај двајцата вработени, поради што им биле изречени писмени опомени. Дополнително, фирмата донела Правилник за заштита од вознемирување на работното место, кој бил истакнат на огласната табла. Во постапката било констатирано и дека пријавителот направил сериозна професионална грешка при извршувањето на работните задачи.

Од компанијата до Комисијата објасниле дека расправијата започнала откако работникот се обидел вината за погрешните мерења да ја префрли врз својот претпоставен.

Своја изјава доставил и пријавениот мајстор, кој навел дека веднаш по пристигнувањето на терен забележал дека димензиите на вратата не одговараат на отворот и дека претходно запишаните мерки биле погрешни.

Тој тврди дека, наместо колегата да ја признае грешката, почнал да ги брише претходно запишаните мерки од ѕидот за да ги сокрие доказите, по што го снимил со мобилен телефон. Според неговата изјава, расправијата дополнително ескалирала кога бил навреден со зборот „Шиптар“, по што и самиот возвратил со навредливи зборови. По враќањето во фирмата, видеоснимката ѝ ја покажал на раководителката.

По разгледување на сите околности, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека во конкретниот случај постоело вознемирување по дискриминаторски основи и му препорачала на пријавениот во иднина да се воздржи од какво било однесување што може да го повреди достоинството на други лица или да создаде понижувачка, непријателска, заканувачка или застрашувачка работна средина.

Најнови вести