Кога во Франција во средината на 1953 година се појави „Сталинон“, недоволно испитан лек, се случија 102 смртни случаи и повеќе од 68 тешки труења. За овој необичен настан во јануари 1954 година пишуваше списанието НИН. Случајот „Сталинон“ сè уште е запишан со црни букви во фармацевтската индустрија како грешка која не смее да се повтори. Дел од луѓето кои му биле изложени на овој лек трајно ослепеле или оглавеле, а последиците од земањето на оваа супстанција, како и гневот на јавноста во Франција, траеја со години. Текстот од современиците за овој настан ви го пренесуваме во целост од архивата на НИН.
Лекот што уби 102 лица
Средината на минатата година во Франција се појави нов лек, кој беше проследен со гласна реклама. Се викаше „Сталинон“. Тој претставуваше комбинација од витамин Ф и дијододиетилен и беше препорачуван како спас во случаи на потешки заболувања од стафилококни и други сериозни инфекции. Експертите го оценија како безопасен за луѓето, а откако даде одлични резултати кај заморчиња, мајмуни и глувци, беше одобрен за употреба и се појави во сите аптеки во Франција.
Набрзо, на мистериозен начин почнаа да умираат болни луѓе, пишуваше „Ви имаж“. Во најголем број случаи се работеше за млади луѓе, силни и отпорни. Првите симптоми кај сите случаи беа главоболки, особено силни во пределот на темето. Потоа болките се засилуваа, а болниот почнуваше да се кочи. Првите дијагнози беа дека се работи за менингитис. Болеста траеше повеќе денови или недели и во повеќето случаи завршуваше со смрт. Меѓутоа, дури откако во тешка агонија почина сто и вториот пациент, беше откриена непобитната причина за оваа страшна трагедија. Тоа беше „спасоносниот“ лек „Сталинон“. Покрај 102-те жртви, тој предизвика и уште 68 случаи на тешки труења.
Вознемирената јавност во Франција го бараше виновникот. Повеќе недели во весниците многу се зборуваше за „случајот Сталинон“ и се испитуваа причините што ја предизвикаа трагедијата. Занимливо е дека „Сталинон“ не предизвика само смрт и труења. Тој остави и други тешки последици. Еден болен трајно ослепе, а неколкумина делумно или целосно оглавеа. Дел од печатот тврдеше дека дошло до необично разложување на веќе готовиот лек направен по рецептите на експертите. Подоцнежните анализи покажаа дека биле направени и одредени грешки во самиот процес на производство. Роже Кулбоз во весникот „Семен ди монд“ тврдеше дека количините на органски соли во лекот биле два, а можеби три или четири пати поголеми од предвиденото. Така, многумина ја префрлија вината врз недоволната стручност на персоналот што го произведувал лекот, а на прво место врз производителот Феје.
Вистинската вистина нема да се знае додека не заврши официјалната истрага на д-р Бретон во лабораториите на Министерството за здравство, пишуваше тогаш НИН.
Што знаеме денес
Не страдаа само пациентите во Франција од „Сталинон“. Во алжирското село Свети Кипријан Де Атаф, пишува „Тајм“, мајка Французинка се обидела да излечи едно дете од плускавци и му дала „Сталинон“ нему, како и на уште три свои деца. Во наредните неколку дена сите четири деца на возраст од седум до четиринаесет години биле мртви.
Доктор Алан де Линиер и самиот забележал шема кај пациентите кои му се обраќале во Ниор, гратче во централна Франција. Болеста почнувала со страшни главоболки проследени со повраќање, а првите симптоми подоцна биле проследени со губење на видот, болки во стомакот, инконтиненција и во последните стадиуми – слепило, делириум и халуцинации. Честопати немало преживеани. Кога сфатил дека тројца негови пациенти починале на ист начин откако го земале лекот „Сталинон“, ги известил сите здравствени служби во Париз. Беше испратена итна порака до над 14.000 аптеки да се прекине продажбата на лекот. Преку 100 луѓе веќе беа починати, а 150 претрпеа трајни повреди, меѓу кои и целосно губење на видот.
Судењето во 1957 година покажа дека иако самата формула на лекот била опасна бидејќи содржела супстанција која била нестабилна и лесно можела да стане токсична, во самото производство дозата на супстанцијата во лекот била трипати поголема од онаа користена при тестирањето. Самиот лек се изработувал на примитивен начин со архаична преса, поради што ниту една капсула немала иста доза на потенцијално опасните хемиски супстанции. Дури и кога забележале дека капсулите од лекот почнале да ја менуваат бојата, производителите не ги повлекле, туку ги обоиле со вештачка боја. Не само што лекот бил потенцијално смртоносен, туку наместо да ги уништи стафилококите за кои бил наменет, тој овозможил тие уште повеќе да се развијат по земањето на лекот.
Иако речиси за време на целото судење се држел студено, Феје, креаторот на „Сталинон“, во еден момент бризнал во плач. Тој бил осуден на две години затвор и парична казна од еден милион тогашни франци. На семејствата на оштетените судот им доделил околу милион и пол долари отштета, но Феје негирал дека неговата фирма има пари да им ги исплати.









