Градот Скопје вечерва ќе ја спроведе 13-тата дезинсекција против комарци во оваа сезона, во период кога вниманието на јавноста е насочено кон случаите на западнонилска треска.
Вечерашната акција ќе се спроведува од земја и ќе биде насочена кон возрасните форми на комарци. Третманите ќе продолжат и во наредните денови според однапред утврдена динамика.
На 20 август е предвидена нова теренска дезинсекција, додека на 21 август во раните утрински часови треба да се изврши авионско прскање. Дополнителни теренски третмани се планирани и во периодот од 23 до 26 август.
Според информациите од Град Скопје, досега во текот на сезоната биле спроведени повеќе акции и против ларвите и против возрасните форми на комарци. Првите активности започнале уште во мај, а до крајот на сезоната се планирани повеќе од 20 дезинсекции.
Од Градот посочуваат дека третманите се реализираат согласно Годишната програма, законските обврски и елаборатот изработен од Центарот за јавно здравје – Скопје и одобрен од надлежните здравствени институции.
Засилените активности доаѓаат во период кога во Скопје се регистрирани повеќе случаи на западнонилска треска, а дел од пациентите имаат потешка клиничка слика.
Надлежните продолжуваат со мерките за намалување на бројноста на комарците, а во следните денови акциите ќе се спроведуваат и од земја и од воздух.








