Македонската музичка сцена загуби значајно име. Почина Јане Пенов – Цевка, гитарист и еден од препознатливите членови на култната акустична група „Макакус“, која во доцните 70-ти и раните 80-ти години остави силен белег не само во Македонија, туку и низ поранешна Југославија.
Групата „Макакус“ беше позната по својот уникатен звук, оригиналност и настапи што останаа запаметени, меѓу кои концертите во Домот на млади „25 Мај“ (денешен МКЦ), како и настапи во Сараево и Суботица. Освоија и значајни признанија, меѓу кои и победата на фестивалот „Фамус 5“.
Покрај музичката кариера, Пенов остави длабока трага и како професор по класична гитара, воспитувајќи бројни генерации млади музичари.
По веста за неговата смрт, социјалните мрежи се исполнија со пораки на тага и почит. Неговиот долгогодишен колега и пријател, Џина Папас Џокси, сподели емотивно простување, потсетувајќи на заедничките години исполнети со музика, креативност и неуморна работа. Слични реакции пристигнаа и од други музичари, меѓу кои и Александар Стефановски – Јаблан, кој ја опиша загубата како лична и болна.

Јане Пенов – Цевка ќе биде испратен во последното почивалиште денес, на 23 март, на гробиштата Бутел во Скопје.
Зад себе остава наследство што ќе продолжи да живее преку музиката и спомените на сите што го познаваа и почитуваа.
🔽 ОД ДЕНЕС СЛУШАЈ ЈА ТВОЈАТА ОМИЛЕНА РАДИО СТАНИЦА НА ПРВ.МК 🔽



















