ПРВ.мк
Македонија

ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА: Мажите живеат пократко, најмногу животи одземаат срцевите заболувања!

ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА: Мажите живеат пократко, најмногу животи одземаат срцевите заболувања!

Во Македонија во текот на 2025 година починале 20.287 лица, што претставува благ пораст од 0,4 проценти во споредба со претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Статистиката открива дека починале повеќе мажи отколку жени. Од вкупниот број, 10.498 се лица од машки пол, додека 9.789 се жени.

Податоците покажуваат и значајна разлика во животниот век меѓу двата пола. Просечната возраст на починатите мажи изнесува 72,2 години, додека кај жените таа достигнува 76,6 години. Тоа значи дека жените во просек живеат 4,4 години подолго од мажите.

Во текот на годината биле регистрирани и 62 починати доенчиња, што претставува 0,3 проценти од вкупниот број на смртни случаи.

Според месеците, најмногу смртни случаи биле евидентирани во јануари, кога починале 2.002 лица. Најмал број е забележан во април, со 1.506 регистрирани случаи.

Најчеста причина за смрт и понатаму остануваат болестите на циркулаторниот систем, кои учествуваат со 34 проценти од вкупниот број починати. Во оваа група спаѓаат срцевите заболувања, мозочните удари и други кардиоваскуларни болести.

На второ место се неоплазмите, односно малигните заболувања, кои се причина за 19,6 проценти од смртните случаи. Следуваат ендокрините, нутритивните и метаболичките заболувања со 6,5 проценти, како и болестите на респираторниот систем со 3,7 проценти.

Бројките уште еднаш потврдуваат дека хроничните заболувања остануваат најголем здравствен предизвик во земјата, при што срцево-садовите и малигните болести и натаму се водечки причини за смртност кај населението.

Најнови вести