Најголем број од потврдените случаи на западно-нилска треска во Македонија годинава се регистрирани во Скопскиот регион, а најголемо внимание привлекува скопската населба Драчево, каде се потврдени повеќе заразени лица.
Според информациите што ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, дури пет од потврдените случаи на вирусот се од Драчево. Токму поради појавата на повеќе случаи во оваа населба, неодамна беше спроведено и вонредно терестичко прскање против комарци со цел да се намали ризикот од понатамошно ширење на заразата.
Освен во Скопскиот регион, случаи на западно-нилска треска се регистрирани и во Велес. За разлика од оваа година, минатата година најголем број заболени биле евидентирани во јужниот дел од земјата.
Надлежните потсетуваат дека вирусот на западно-нилска треска не се пренесува директно од човек на човек. Заразата не може да се добие ниту доколку комарец касне лице кое е заразено, па потоа касне друго лице.
Главни носители на вирусот во природата се дивите птици, додека комарците се преносители кои го шират вирусот меѓу животните и луѓето.
Еден од најчестите видови комарци во Македонија, комарецот од родот „Кулекс“, може да биде преносител на западно-нилска треска. Поради тоа, здравствените власти апелираат граѓаните да преземат мерки за заштита од убоди, особено во периоди кога активноста на комарците е зголемена.
Симптомите кај повеќето заразени лица можат да бидат благи или да не се појават, но кај одредени случаи вирусот може да предизвика посериозни здравствени проблеми. Затоа надлежните продолжуваат со следење на состојбата и спроведување мерки за контрола на комарците во ризичните подрачја.









