Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса поврзана со атмосферски фронт од север, денес, недела 17 август, и утре, понеделник 18 август, се очекува развој на конвективни грмотевични облаци на повеќе места во Македонија. Од овие облаци се предвидуваат поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер во зоните на нестабилност.
Локално, процесите ќе бидат поинтензивни, со можност за појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град. Во делови од Скопскиот регион, во истиот период, се очекуваат поројни врнежи, грмежи и засилен ветер со услови за локално невреме.
Температурите денес ќе се искачуваат во интервалот од 28 до 35 степени, додека утре ќе бидат малку пониски, со максимуми од 25 до 34 степени.
Поради опасностите од многу нестабилно време, граѓаните се апелирани да се воздржуваат од престој на отворен простор и под осамени дрвја за време на невремето. Исто така, се препорачува заштита на возилата, избегнувајќи ги местата близу стари и осамени дрвја, поради можноста од пад на гранки или дрвја.
Секогаш следете ги известувањата од Метеоролошката служба и преземете мерки на претпазливост за безбедност.