Македонската спортска јавност е во длабока тага по веста за смртта на 21-годишниот фудбалер Виктор Боневски, кој загуби борба со малигна неоплазма на абдоменот.
Боневски долго време се бореше со тешката болест и претходно му беше извршен оперативен зафат. За неговото лекување беа организирани хуманитарни акции и донации, во кои учествуваа бројни граѓани и јавни личности, меѓу кои и музичката група ДНК.
Тажната вест ја објави неговиот брат Даниел, а ја потврди и фудбалската академија „Њу Старс“, каде што Боневски беше активен.
„Со длабока тага и неверување ја примивме веста за смртта на Виктор Боневски. ФК Њу Старс изгуби свој член, наш фудбалер и дел од семејството. Со неговата љубов кон фудбалот, посветеност и другарство, Виктор остави неизбришлив белег во нашиот клуб. Во овие тешки моменти изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, роднините и сите блиски. Нека почива во мир“, соопшти клубот.
Кариерата на младиот спортист беше сериозно нарушена поради здравствени проблеми, вклучувајќи рак на тестиси, абдомен и зафатеност на повеќе органи. И покрај огромната поддршка и надежта од илјадници луѓе, Виктор не успеа да ја добие својата најважна „утакмица“.