Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека е подготвен да отвори разговори за територијалните прашања исклучиво на трилатерален состанок со рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Територијалното прашање е толку важно што треба да го дискутираат само лидерите на Украина и Русија за време на трилатерален состанок Украина-САД-Русија“, рече Зеленски на заеднички брифинг со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тој истакна дека уставот на Украина не дозволува територијални отстапки.
Зеленски посочи дека една од можните безбедносни гаранции за Украина би можело да биде членството во Европската Унија. „Ни треба безбедност која ќе функционира во пракса, како членот 5 од НАТО. Гледаме членството во ЕУ како дел од овие гаранции“, додаде тој.
Пред состанокот Трамп-Путин во Алјаска, Зеленски потврди дека нема да прави територијални отстапки и дека украинските вооружени сили нема да се повлечат од деловите од Донбас кои ги контролираат.