Дваесет и едногодишниот фудбалер Виктор Боневски ја загуби битката со малигна неоплазма на абдоменот. Тој претходно беше подложен на оперативен зафат, но за жал болеста го победи. Тажната вест ја сподели неговиот брат Даниел на социјалните мрежи.
Фудбалската академија Њу Старс, каде Боневски беше член, соопшти: „Со длабока тага и неверување ја примивме веста за смртта на Виктор Боневски. ФК Њу Старс изгуби свој член, наш фудбалер и дел од семејството. Со неговата љубов кон фудбалот, посветеност и другарство, Виктор остави неизбришлив белег во нашиот клуб. Во овие тешки моменти изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, роднините и сите блиски. Нека споменот за Виктор остане засекогаш меѓу нас, а неговата добрина и спортски дух да бидат пример за идните генерации. Нека почива во мир.“
Виктор се бореше со рак на тестиси, рак на абдомен и други органи, а за неговото лекување беа организирани донации во кои учествуваа граѓани и јавни личности, меѓу кои и музичката група ДНК.
Пред две години, ДНК на социјалните мрежи апелираа: „Денеска се сретнавме со Виктор Боневски, убаво и чисто дете од 19 години и перспективен фудбалер. По дијагнозата на канцер, целиот негов свет се сруши, но заедно можеме да му помогнеме да се врати на терените. За итно лекување во болницата ЛИВ во Турција се потребни повеќе од 100.000 евра. Донирајте колку можете.“
Семејството, пријателите и целиот фудбалски свет го паметат Виктор како млад човек полн со надеж, спортски дух и непоколеблива храброст.