Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 28-годишна жена осомничена за обид за убиство според член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 15 август во домот на улицата „Борис Бојаџиски“ во Скопје. Според обвинителството, осомничената, за време на семејно насилство, се обидела да ја лиши од живот бабата на својот сопруг, родена во 1938 година, со која живееле заедно.
Додека жртвата одмарала, осомничената ја заклучила вратата, седнала врз неа и ставила перница на главата со намера да ја задуши, дополнително удирајќи ја со тупаници по главата. Нападот бил прекинат кога осомничената мислела дека жртвата е мртва и го известила сопругот за стореното.
Сопругот веднаш повикал полиција, а повредената била пренесена во болница каде се констатирани нагмечувања на главата и вилицата, како и повеќе хематоми.
Јавниот обвинител предложи определување притвор за осомничената, поради очигледната опасност дека може да го повтори делото или да го заврши започнатиот обид за убиство.