Поради сериозната и зголемена појава на пожари, Владата донесе одлука да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена на целата територија на државата. Оваа мерка е преземена по денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, информираше дека кризата овозможува интегриран и координиран одговор на сите релевантни институции – Армијата, полицијата, противпожарните единици, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, како и локалните самоуправи.
„Ќе се мобилизираат сите расположливи човечки, технички и логистички ресурси со цел да се заштити населението и да се спречи понатамошно ширење на пожарите“, истакна Митева.
Дополнително, Владата ќе обезбеди директна помош за погодените региони, а граѓаните се повикани на крајна претпазливост, строго почитување на препораките и забраните, со цел да не се доведуваат во ризик сопствениот и туѓиот живот и имот.