ПРВ.мк
Македонија

Судбоносен ден за Македонија: Европратениците решаваат дали ќе го избришат „македонскиот јазик“ од извештајот за ЕУ

Судбоносен ден за Македонија: Европратениците решаваат дали ќе го избришат „македонскиот јазик“ од извештајот за ЕУ
Escape

Европскиот парламент денеска ќе одлучува за иднината на европскиот пат на Македонија – гласајќи за контроверзниот Извештај за 2023 и 2024 година, подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц. Во документот се наоѓаат и амандмани со кои се бара бришење на формулацијата „македонски јазик и идентитет“, што предизвика бран реакции и стравувања од нова блокада.

На текстот се поднесени 28 амандмани, од кои најспорни се трите поднесени од европратеници од најголемите политички групи во ЕУ – Европската народна партија (ЕПП), Социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“. Овие амандмани директно го таргетираат македонскиот идентитет, и би можеле да го поткопаат европскиот пат на земјата доколку бидат изгласани.

Синоќа, во Стразбур се одржа бурна дебата. Известувачот Вајц изјави дека Македонија заслужува фер третман и потенцираше дека земјата имала лидерска позиција на Балканот уште од почетокот на пристапниот процес. „Каде е Словенија денес, а каде е Северна Македонија? Имаше пречки, историски и билатерални, но тие не се вина само на едната страна“, рече тој.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос беше уште поексплицитна: „Ова е историска можност што Владата мора да ја искористи. Европа е тука, но Македонија мора да ги направи уставните измени и да го одржи курсот.“ Таа додаде дека извештајот е јасна порака дека ЕУ ја поддржува Македонија, но напредокот зависи од исполнување на критериумите.

Повеќето европратеници се изјаснија во полза на проширувањето и порачаа дека билатералните спорови не смеат да бидат пречка за членство. Нагласија дека Македонија покажала вистинска политичка волја, но сега е клучно ЕУ да покаже дека навистина ги вреднува реформите и посветеноста.

Судбината на терминот „македонски јазик и идентитет“ во европските документи – како и судбината на евроинтеграцијата – се решава денес. Очите на цела држава се вперени кон гласањето во Стразбур.

Mia Home Mavrovo