Попладнево избувнаа неколку пожари истовремено на различни локации во Куманово, предизвикувајќи вистинска паника меѓу граѓаните. Цел град е обвиткан со густ чад, а мирисот на горење се чувствува во речиси секој дел од урбаната зона.
Според информациите од терен, речиси сите противпожарни екипи се активирани, а ситуацијата станува сè посериозна поради силниот ветер кој брзо ги разнесува пламени јазици кон нови површини.
– Постои реална опасност за ширење на пожарот. Имаме активни жаришта во Табановце, Четирце, Палестина, Ѓуро Пуцар Стари, Горно Којнаре, Романовце и село Младо Нагоричане. На некои локации веќе интервенираат по две екипи. Веќе ги повикуваме и луѓето од дома да се вклучат – изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Граѓаните се повикуваат да бидат претпазливи, да избегнуваат изложување на чадот, и да ги следат упатствата на надлежните. Во случај на ескалација, можно е и евакуирање на делови од населението, предупредуваат службите.