Вечерва избувна нов пожар кај Смилковското Езеро, а првите индиции упатуваат на намерно подметнување! Очевидци кои биле на самото место веќе дале изјави во полиција, а Министерството за внатрешни работи започна истрага за утврдување на причините и евентуалните сторители.
Според информациите, интервенирано е на стариот пат кај езерото, во близина на границата меѓу општините Бутел и Гази Баба. Прв за случајот алармираше градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој директно посочи дека пожарот е подметнат, истакнувајќи:
„Многу е веројатно најголемиот дел од пожарите да се намерно предизвикани. Постои сведочење од очевидци, а министерот Панче Тошковски е веќе ангажиран на расветлување на сомненијата.“
Костовски во своето обраќање упати и политичка порака, предупредувајќи дека секој обид за политичко поентирање врз грбот на катастрофи ќе добие остар одговор.
Во целата координација се вклучени и локалните власти – Костовски потврди дека е во постојан контакт со градоначалникот на Гази Баба, Боби Стефковски, со цел што побрзо локализирање на огнената стихија и целосно расчистување на случајот.