ПРВ.мк
Македонија

Усвоен извештајот што предизвика гнев - еве што се пишува во него!

Усвоен извештајот што предизвика гнев - еве што се пишува во него!
Escape

Без ниту еден збор за македонскиот јазик или национален идентитет, Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 воздржани го усвои извештајот за Македонија на известителот Томас Вајц. Документот, кој наводно треба да ја одразува реалноста и напредокот на земјата, целосно го игнорира постоењето на македонските обележја – чекор што се толкува како политички компромис со длабоки последици.

„Да се признае идентитетот и јазикот треба да е природно и непроблематично. Но, демократијата одлучи поинаку,“ рече Вајц, обидувајќи се да го оправда отсуството на тие термини со „демократскиот процес“.

Дебата или напади?

Салата на Европскиот парламент вчера личеше повеќе на политички ринг отколку на демократски форум. Грчки и бугарски европратеници повторно ги отворија старите рани, фокусирајќи се не на содржината на извештајот, туку на оспорување на македонскиот идентитет.

„Јас сум горда Македонка, вистинска, а не лажна како оние во Скопје,“ изјави грчката европратенка Афродити Латинупулу, предизвикувајќи бурни реакции.

Бугарскиот пратеник Ивајло Валчев пак, тврдеше дека прифаќањето на Бугарите во Уставот не е закана, туку реформа. Во исто време, ја обвини македонската влада за манипулации.

Јовева возвраќа директно – и тоа на македонски

На нападите жестоко возврати словенечката европратенка со македонско потекло Ирена Јовева, која јавно им порача дека македонскиот народ и јазик не бараат ничија дозвола за да постојат.

„Македонскиот јазик е автентичен. Вашите обиди се модерна фикција. За да постои македонскиот народ, не му треба ваша дозвола – туку вам ви треба храброст за да го признаете,“ рече Јовева.

Што следува?

И покрај жестоките реакции, извештајот останува на сила. Тој препорачува забрзување на преговорите со ЕУ по уставните измени и дополнителни реформи во судството, јавната администрација и борбата против корупцијата.

Но, за многумина, главната порака од Европа е понижувачка – Македонија може да преговара за влез, но без глас, без име и без свој идентитет.

Mia Home Mavrovo