Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски е дел од група предводена од Венко Филипче и Зоран Заев, чија основна дејност, според партијата, се криминални активности.
Спасовски е соочен со кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи како министер во 2021 година дозволил станица за технички преглед во општина Сарај да оствари противправна имотна корист од над 90.000 евра, или околу пет и пол милиони денари. Тој, според обвинувањата, не донел решение за одземање на овластување на фирмата во законски предвидениот рок, овозможувајќи и нелегално да заработува.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека истата станица дала одобрение за технички преглед на автобусот на „Беса Транс“ што се запали во Бугарија, при што загинаа 45 македонски граѓани.
Во реакцијата на партијата се истакнува дека Спасовски, кој според нив е познат по низа нелегални активности од времето на министерувањето, треба да одговори дали земал пари за неодземање на овластувањето на фирмата, колку и дали трагедијата со автобусот ја разбудила неговата свест.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека СДС може да се позиционира како сериозна политичка партија, но тоа ќе биде можно само доколку се ослободи од лица кои, според нив, се олицетворение на криминалот.
















