Руски државјанин останал без долгоочекуваното патување во Македонија откако се потпрел на информација што, како што тврди, ја добил од Четџипити во врска со визните правила за влез во земјата.
Случајот привлече големо внимание на социјалните мрежи, каде што беше објавено видео во кое патникот ја раскажува непријатната ситуација што му се случила. Според неговите зборови, тој заедно со сопругата и детето однапред ги организирале сите детали за патувањето. Купиле авионски билети од Истанбул до Скопје, резервирале хотелско сместување и обезбедиле автомобил за време на престојот во Македонија.
Пред поаѓањето, тој решил да провери дали му е потребна виза за влез во земјата. Тврди дека прашањето го поставил до Четџипити и добил одговор дека не му е потребна виза. Убеден дека ги исполнува сите услови за патување, семејството се упатило кон аеродромот без дополнителни проверки кај официјалните институции.
Меѓутоа, при пријавувањето за летот се соочиле со сериозен проблем. Според неговото сведоштво, авиокомпанијата утврдила дека не ги исполнува потребните услови за влез во Македонија и поради тоа не му било дозволено да се качи во авионот.
Во видеото, разочараниот патник објаснува дека дури и покажал снимка од екранот со одговорот што го добил, надевајќи се дека ќе ја разјасни ситуацијата. Сепак, тоа не било доволно за да ја промени одлуката, бидејќи правилата за патување и визниот режим се утврдуваат исклучиво според официјалните прописи и информации од надлежните институции.
Така, наместо планиран одмор во Македонија, семејството останало на аеродромот, и покрај тоа што однапред ги платило авионските билети, хотелското сместување и изнајмувањето автомобил. Случајот повторно ја отвори темата за потребата патниците секогаш да ги проверуваат визните и патните услови преку официјални извори пред да тргнат на пат.









