Видео-снимка од доверлив состанок на НАСА, одржан по мисијата Аполо 16, беше објавена во петокот како дел од третата серија досиеја за НЛО. Мисијата Аполо 16 кружеше околу Месечината од 16 до 27 април 1972 година.
Астронаутите Џон Јанг и Чарлс Дјук беа првите луѓе кои ги истражуваа висорамнините на Месечината, додека Томас „Кен“ Матингли остана во орбитата околу природниот сателит на Земјата.
Во 55-минутниот аудио-запис, тимовите разговараа за гравитацијата, ласерските мерења и аномалиите откриени за време на истражувањето.
„Тоа би можело да биде вонземјанска ѕвездена база или нешто слично“
Меѓутоа, во снимката се наоѓа и разговор за „огромна дупка“ во близина на кратерот Ван де Граф, област позната по своите необични карактеристики.
„На темната страна на Месечината, околу Ван де Граф, таму ја имаме нашата голема дупка“, рекол еден од учесниците.
Само неколку моменти подоцна следувал необичен коментар:
„Тоа би можело да биде вонземјанска ѕвездена база или нешто слично. Во секој случај, следниот слајд ја прикажува предната страна на Месечината“, навел тој.
Коментарот бил кажан на многу опуштен начин, а му претходела смеа по забелешката за „големата дупка“.
Објавената документација опфаќа околу 72 датотеки собрани од архивите на ФБИ, ЦИА и Пентагон, вклучувајќи видео-снимки, сведоштва и уметнички прикази на објекти кои се опишани во извештаите.
Црвената сфера била широка околу 90 сантиметри
Некои документи датираат уште од 1940-тите години и опфаќаат настани не само во Соединетите Американски Држави, туку и во други земји. Претседателот на Америка, Доналд Трамп, ги објави првите две серии документи на 8 и 22 мај.
Претходните досиеја се однесуваат на забележување кугли во некои делови на САД.
Во еден извештај за сведоштво се наведува дека едно лице ја опишало црвената боја како „исклучително сјајна и преубава“ и дека никогаш претходно немало видено таква нијанса на црвено. Се додава дека црвената сфера била широка околу 90 сантиметри и дека во своето средиште содржела „бело плазма сонце“ со големина на кошаркарска топка.
Истото лице неколку недели подоцна пријавило дека видело бројни бели кугли кои на поголема висина прелетувале над куќата.
Уште едно наводно забележување на НЛО било регистрирано на Меѓународниот аеродром во Хараре, Зимбабве, во јули 2008 година.









