Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција ќе соопшти детали за нова странска инвестиција која се очекува да донесе значителен економски бенефит и нови можности за вработување.
Станува збор за инвестиција на Jav Automotive во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, со која, според најавите, треба да бидат отворени повеќе од 400 нови работни места. Инвестицијата се смета за значаен поттик за локалната економија и дополнително зајакнување на индустрискиот сектор во земјата.
Компанијата работи во автомобилската индустрија и е специјализирана за дизајн и производство на безбедносни компоненти, различни механизми и оперативни кабли кои се користат од голем број светски производители на автомобили. Нејзините производи се дел од современите автомобилски системи и се пласираат на меѓународните пазари.
Покрај матичната држава Турција, компанијата има свое присуство и во Канада, Германија и Словачка, што ја вбројува меѓу значајните играчи во секторот за автомобилска опрема. Со влезот во ТИРЗ Тетово, се очекува дополнително проширување на нејзините производствени капацитети и отворање нови перспективи за домашната работна сила.
Повеќе детали за инвестицијата, динамиката на реализација и идните планови на компанијата се очекува да бидат соопштени на денешната прес-конференција.









