Со песната „Милион денови“ од групата „ДНК“, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј, се потсети на својот сакан, кој пред една година трагично загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На својот Инстаграм, Наталија сподели заедничка фотографија со Андреј, придружена со стиховите од песната: „Милион денови јас би заменил за една ноќ со тебе, милион животи јас би ги заменил за еден цел со тебе“. Таа ја опиша годината како „најдолга година“, потсетувајќи на неизмерната болка по загубата.
Пред две недели, Наталија раскажа за сопругот искрена приказна, нагласувајќи дека Андреј бил човек што сакал силно и без задршка, кој верувал дека љубовта се мери со дела, а хуманоста ја покажувал без зборови, грижливо за сите околу него.
Таа беше дел од хуманитарниот концерт во Дизелдорф, Германија, посветен на семејствата на настраданите во пожарот, каде што песни на „ДНК“ изведуваа Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Елена Андоновска, Тина Русева и Сања Лефкова.
„Она што нѐ поврзува вечерва не е само музиката на ‘ДНК’, туку и нашата култура. Сите го знаат Андреј на сцена, но јас го знаев откако ќе се симнеше од неа. Тој беше човек што сакаше силно, без задршка“, рече Наталија во емотивното обраќање.


















